
Ќе се реконструира главната улица во селото Козјак во Општина Карбинци. По барање на тамошните жители улицата се подготвува за асфалтирање, а како што истакна градоначаникот Виктор Паунов во наредните денови треба да започне со нанесување на асфалтен слој. Вели дека улицата претходно била во лоша состојба која мора да се промени.
„Според плановите и програмата на Општина Кабинци согласно Буџетот се работи на една нова улица која е со должина од 600 метри, тоа е главната улица во селото Козјак. Улицата беше премногу оштетена и беше неопходно реновирање. Ќе се асфалтира целата улица.“ – вели Паунов.
Акцент периодов е ставен на реконструкција на локалниот пат од село Долни Балван до село Таринци. Како што посочи Паунов станува збор за капитален проект на општината кој треба да е готов до крајот на годината.
„Работиме на оној поголем проект на локолниот пат од село Долни Балван до село Таринци во должина од 1 километар и 600 метри и е голем проект за нас. Ама се работи и на неколку други улици“ – додава Паунов.
Истакна дека градежната сезона продолжува и во наредниот период додека дозволуваат временските услови.
Лаура Стојанова М-Нет