Јорданов: Ќе ги завршиме улиците чија реконструкција е во застој!

Кај одредени улици кои почнале да се реконструираат, процесот е во застој во фаза на промена на локалната власт. Меѓутоа, новиот градоначалник на о. Штип, Иван Јорданов, денес изврши увид на дел од нив и вети брзо завршување на работата. Конкретно, Јорданов  беше на улицата која ги поврзува „Партизанска“ и „Булевар ЈНА“, но истакна дека истово се однесува и за ул. „Панче Караѓозов“ и „Личка“, како и останатите раскопани улици.

„Како што најавивме, во текот на вчерашниот и денешниот ден вршиме увид на дел од улиците коишто се во застој. Денес сме на пристапната улица помеѓу „Булевар ЈНА“ и „Партизанска“ за да извршиме увид на лице место, да поразговараме со надлежните, со операторот којшто има задолжение да ја доврши оваа градежна активност, но исто така, ќе продолжиме со увид и на другите улици коишто се во застој, како што се „Панче Караѓозов“ и „Личка“, сè со цел да бидеме сервис кон граѓаните и побрзо да бидат завршени сите градежни активности, коишто требало досега да бидат завршени“, истакна Јорданов.

Јорданов додаде дека работните активности на улицава започнале уште пред околу еден месец, но се очекува да бидат завршени за најмногу две недели. Ваквата брза реакција, посочи Јорданов, е во интерес на граѓаните и во полза на исполнување на целта – Општина Штип да биде функционална Општина за сите.

Ребека Спасова МНет