Јорданов: Срамните 400.000 денари за Макфест повторно ќе се вратат на Министерката за некултура

Со сума од само 0.05% од целиот колач, Министерството за култура се обидува Макфест да го турне во амбис, вели штипскиот градоначалник. И оваа година Фестивалот на забавна музика, според Јорданов, се исполитизирал и втора година по ред им биле доделени само срамни 400.000 денари, кои повторно ќе ги вратат.

„И оваа година Министерството за култура ја понижува целата македонска естрада, го понижува Фестивалот на забавна мелодија „Макфест“ и нѐ понижува нас како штипјани и како град-домаќин на овој Фестивал со одвоени 400.000 денари. Замислете, буџетот којшто е предвиден од страна на Министерството за култура за манифестации и настани оваа година е во износ од 760.000.000 денари, а за Макфест се предвидени срамни 400.000 денари“, истакна Јорданов.

За други помалку познати проекти и манифестации Министерството издвоило двојно или тројно повисока сума, но за бренд каков што е Макфест нема ни половина милион денари, вели Јорданов. Со каков образ ќе се појави Министерката за некултура пред штипјани, прашува штипскиот градоначалник.

„Има пари за сите и за секого, но нема пари за Макфест. Па така, за продуцентот Мирко Попов се одвоени повеќе од 1.000.000 денари, за „Лира фест, 2023“ се одвоени повеќе од 1.000.000 денари, за „Шкупи фест“ се одвоени повеќе од 1.000.000 денари. И за многу други помалку популарни и познати настани и уметници се одвоени од парите на граѓаните, но за бренд како Макфест само срамни 400.000 денари“

Пред две години Макфест од Министерството за култура добивал 6.000.000 денари, а овие две години, кога парите имаат инфлациски помала вредност, се распределува 15 пати помала сума. Јорданов порача Министерството да си ги пренамени парите за други цели оти и онака културата се веќе се исполитизирала. Рече дека Општина Штип и оваа година ќе го исфинансира Фестивалот и нема да дозволи да згасне.

Ребека Спасова М-Нет