
Општина Штип ќе ги врати срамните 399 000 денари и „Макфест“ ќе го финансира од сопствениот буџет, истакна денес на прес – конференција градоначалникот, Иван Јорданов. Според него, политички побуди стојат зад околу четирипати намалениот буџет за разлика од претходната година, иако пред нешто помалку од десетина години била одобрена дури 18 пати повисока сума.
„Фестивалот кој има традиција од 1986 година, државата оценила дека заслужува нецели 400.000 денари, односно единствениот фестивал на забавни мелодии во Македонија добива трошки од државниот буџет. Меѓутоа, за јавноста да сфати за какво понижување станува збор, информирам за следново. Во 2014 година биле одвоени 7 милиони денари од државата. Во 2015 година биле одвоени 4,5 милиони денари. Од 2016 година до денес биле одвоени 2,5 милиони денари по година за да оваа година штипјани се деградираат и омаловажуваат со срамни 399.000 денари. Очигледно е дека поради политички побуди на централната власт се деградираат и понижуваат штипјани, националната култура и музичката фела во државата“, истакна Јорданов.
Според Јорданов, Штип нема да ја прифати срамната државна поддршка, донесена со политичка одлука, туку во целост ќе го финансира фестивалот и тоа во вредност од 6.000.000 денари.
„Фестивалот „Макфест“ ќе биде целосно финансиран од страна на Општина Штип. Ветуваме дека ќе го добие посакуваниот сјај, ќе биде во тек со современите технолошки достигнувања и во деновите кога ќе се одржува, целиот град ќе пулсира во духот на нематеријаното наследство. Имајќи предвид дека со овие срамни средства се понижуваат граѓаните на општина Штип, истите ние ќе ги вратиме и целосно ќе го финансираме фестивалот од буџетот на Општина Штип во висина од 6.000.000 денари. Оваа година имаме предвидено 4.500.000 милиони денари, но со оглед на новонастанатата состојба со ребалансот на буџетот ќе предвидиме дополнителни средства. Со тоа буквално ќе го вратиме сјајот како што заслужуваат штипјани“, додаде Јорданов.
Образложение за одобрената висина на буџет за фестивалот „Макфест“ до Општината нема, единствено пристигнато е решение, кое Јорданов рече дека ќе го вратат заедно со финансиските средства.
Ребека Спасова М-Нет