
Одбојкарската сцена во Македонија вечерва ќе го добие новиот освојувач на Купот, откако во финалето ќе се соочат велешки Борец и актуелниот бранител на титулата Штип УГД. Големиот натпревар започнува во 19:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Борец до финалето стигна со убедлива победа над Работнички волеј од 3:0 во сетови, демонстрирајќи сигурна и организирана игра. Велешани доминираа во првите два сета, а во третиот покажаа карактер, откако се вратија од негатива од 16:20 и со пресврт го заверија пласманот во борбата за трофејот.
На другата страна, Штип УГД ја продолжува својата доминација во куп-натпреварувањето, обезбедувајќи трето последователно финале. Тимот од Штип без поголеми проблеми ја совлада Струмица со максимални 3:0, најавувајќи дека и годинава сериозно ќе атакува на пехарот.
Се очекува возбудливо финале меѓу две квалитетни екипи – Борец ќе ја бара својата шанса за изненадување и освојување на трофејот, додека Штип УГД ќе се обиде да ја оправда фаворитската улога и да ја одбрани титулата.
Во увертира на машкото финале, љубителите на одбојката ќе можат да го проследат и женското финале, во кое за трофејот ќе се борат Вардар ЕМ и Наковски волеј.