Штип УГД подготвен за полуфиналето против Струмица – штипјани одат по одбрана на Куп титулата

Одбојкарите на Штип УГД подготвени и во позитивна атмосфера ќе ја започнат одбраната на Куп титулата, а во полуфинале ќе се соочат во Струмица, тоа ќе биде реприза на ланското финале.

Иако струмичани се подмладени и тимот не е на ниво на кое беше изминатите сезони, сепак капитенот Ѓорги Крстевски и Стефан Алексов го делат истиот став дека не треба да се потцени противникот.

„Струмица можеби е ранета, но имав неколку натпревари со нив оваа сезона и тие докажаа дека не се лесен противник, имаат млади играч кои се многу мотивирани и сакаат да се докажуваат дека имаат квалитет и дека може да се носат посилни екипи. Имавме некои осцилации на нивните натпревари, но тоа го средивме во текот на самиот шампионат и со тренинзи. Нема да биде лесно, но ние ќе го покажеме тоа што најдобро го знаеме за пласман во финале“, вели Крстевски.

„Оваа полуфинале е всушност финалето од минатата година каде во Радовиш доминиравме против Струмица и го освоивме Купот. Сега тие се доста подмладени, но исто така тоа се млади деца кои сакаат да се докажат имаат силна мотивација и нема да биде лесно против нив. Секако дека има притисок, но ние тој гледаме да го претвориме во мотивација и да покажеме дека сме квалитети и да обезбедиме финале“, вели Алексов.

Штип УГД ја започнува својата доминација, тимот од градот под Исарот е пред можноста за освојување на трета Куп титула во низа, но тимот е на добар пат и за освојување на двојна круна.

„Доминацијата е сигурна на еден начин немаме конкуренција, но со тоа ја имаме таа потребна мотивација, тоа можеше да се видиме и на последните неколку натпревари според самиот резултат, имавме само изгубен сет на неколку мечеви. Но, сега се завршните натпревари и нашиот фокус сега е двете титули да ги донесеме во Штип“, дополнува Крстевски.

„Сега имаме важни натпревари од завршницата. Ние сакаме да го покажеме нашиот квалитет ќе биде тешко, но се надевам дека уште еднаш ќе го покажеме најдоброто од нас и по трети пат ќе ја донесеме Куп титулата во Штип што е наша цел заедно со шампионската титула“, рече Алексов.

Крстевски и Алексов ја повикуваат штипската јавност и сите навивачи да дојдат во Скопје и да им дадат силна поддршка од трибините во СЦ „Јане Сандански“.

„Ја повикувам штипската јавност да дојде и во што поголем број во салата „Јане Сандански“ во Скопје и да ни даде поддршка и мотивација и заедно да се радуваме на победа“, заврши Крстевски.

„Ги повикувам сите штипјани и целата штипска јавноста да дојде во салата „Јане Сандански“ во Скопје и да ни даде поддршка да биде ветер во грб и заедно да се радуваме на победа“, заклучи Алексов.

Бранитело на Куп титулата Штип УГД полуфиналето против Струмица го игра во петок од 17:30 часот, а победникот ќе игра против подобриот од вториот полуфинален дуел меѓу Борец и Работнички кој стартува два часа подоцна.

Финалето во машка конкуренција е закажано за недела од 19:30 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Александар Ванев, М-Нет