
Кошаркарите на Штип првата сезонска победа во Суперлигата ќе ја бараат во сабота на домашен терен во салата „Џексон“ против Кожув во дуел каде гостинот од Гевгелија ќе бара втора радост.
По двата порази од Тиквеш на домашен терен и од Куманово во гости, избраниците на Марјан Србиновски со поддршка од верната публика се надеваат на првиот позитивен резултат оваа сезона.
Натпреварот меѓу Штип и Кожув се игра со почеток од 18 часот.
Колото се отвара во петок со мечот меѓу шампионот МЗТ Скопје и ТФТ меч кој се игра во големата сала „Јане Сандански“ со почеток од 18 часот, каде „штрковите“ се фаворити за триумф и со тоа да имаат максимален ефект, а пак ТФТ се надева на втората сезонска победа.
Во недела се играат три средби. Во Битола дерби на Пелистер и Работнички. Битолскиот тим е со форма од една победа над ТФТ и пораз од Струмица, а пак скопскиот тим има победа над Струмица и Тиквеш.
Средбата која се игра во салата „Боро Чурлевски“ ќе започне во 19 часот.
Половина час подоцна Скопје на домашен терен ќе игра против Струмица, каде домаќинот ќе атакува на првото славје во третиот меч, а пак струмичани сакаат уште една победа.
Претходно, во 18 часот ќе се игра мечот меѓу Тиквеш и Куманово во салата „Јасмин“ во Кавадарци, каде две екипи ќе ја бараат втората победа, откако претходно забележаа по една победа и еден пораз.
По две кола, Работнички и МЗТ Скопје имаат по две победи, а пак Скопје и Штип имаат по два порази, останатите екипи имаат по една победа и еден пораз.
Александар Ванев, М-Нет