Штипјанката Марија Анчева ги искина мрежите – најдобар стрелец во ракометната Суперлига

Заврши сезоната во женската Суперлига на Македонија, а најдобар стрелец е штипјанката Марија Анчева со постигнати 345 погодоци на 26 одиграни натпревари или во просек Анчева постигнувала нешто над 13 гола по натпревар.

Анчева настапува за штипски Астибо, кој сезоната ја заврши на 12. место со 12 освоени бодови. Штипскиот суперлигаш постигна 665 погодоци, а 345 од нив се дело на Анчева.

На листа на стрелци на второто место е Ивона Трпевска од Вардар со 195 погодоци, тоа значи дека Анчева има дури 150 погодоци повеќе од Трпевска која беше втора. На третото место на листата на стрелци е Емилијана Ризовска од шампионот Ѓорче Петров со 190 гола, на четвртото место е Менда Далипоска од Стружанка, додека пак на петтото место на листата на стрелци е Ангела Гроздановска од Спартак со 174 погодоци.

Шампион е екипата на Ѓорче Петров со 76 бодови на своето конто, односно скор од 25 победи и само едно реми, успешна сезона имаше Чаир кој заврши втор со 67 бодови, а со толку бодови заврши и Металург Автокоманда на третото место.

Вардар е четврти со 61 бод, додека пак Куманово сезоната ја заврши на петтото место со 57 бодови.

На дното заврши екипата на Гевгелија со само три бодови, а пак Шампион е претпоследен со 7 бодови, над нив е Астибо со 12 бодови и скор од четири победи и 22 порази.

Александар Ванев, М-Нет