Штипјанката Душица Бреслиева со бронзен медал за Македонија од Европското карате првенство во Полска, Михајлов до петто место!

На Европското карате првенство во Полска до 21 година кое се одржуваше изминатиот викенд македонската репрезентација се врати со еден медал, тоа беше бронзениот медал на штипјанката Душица Бреслиева.

Од карате клубот Штип имаше најмногу натпреварувачи на Европското првенство, а тренерот Жарко Арсовски вели каратистите биле спремни за тој предизвик кој ги очекувал во Полска.

„Имаше огромна конкуренција нашите каратисти како што кажавме пред тргнувањето беа спремни на тој предизвик и одлично се покажаа. Освоивме едно бронза можам да кажам од сите репрезентативци единствена бронза, единствен медал што го имаше Македонија е медалот кој што го освои Душица Бреслиева од карате клубот Штип. Тој медал доаѓа до голема, екстра, можам да кажам сениорска големина затоа што е единствен медал за Македонија и тоа е доказ дека е многу тешко да се освои медал на Европско првенство“, ни изјави тренерот на карате клубот Штип, Жарко Арсовски.

Одличен настап и големи борби имаше и Љупче Михајлов, а кој беше многу блиску до освојување на медал.

„Втора работа што добива до таа големина е борбата за бронза на Љупче Михајлов, кој што беше многу блиску до освојување на медал дури можам да кажам дека секунди го делеа, го освои исто така големото петто место, во конкуренција од 18 до 21 година категорија до 75 килограми. Јас и брат ми Сашко сме задоволни од нивниот настап, тука нема да застанеме тие беа доста одлични сигурен сум дека така и ќе продолжат, со Господ напред да нема ништо повреди ќе продолжиме да се радуваме на успесите на овие двајца спортисти и се надеваме дека ќе ја зголемиме таа масовност на медали и од другите наши спортисти кои многу се трудат да освојат големи резултати“, додава Арсовски во изјавата за М Нет телевизија.

Младата каратистика Душица Бреслиева од Полска се врати со бронзен медал, за М Нет телевизија вели дека конкуренцијата била тешка, а за влакно не успева да обезбеди финале.

„Ова е големо искуство и голем успех за мене, конкуренцијата беше тешка, имав четири победи и еден пораз. Се борев со репрезентативка од Италија, од Швајцарија и од Португалија, нив трите ги победив, потоа имав минимален пораз од Украина, моменти и за влакно не успеав да влезам во финалето. На крајот се борев за третото место со репрезентативка од Турција каде што ја совладав со резултат од 5:4 и го заземав третото место. Ова е многу голем успех и сум задоволна од мојот успех и се надевам дека во иднина ќе имаме поголеми успеси заедно со мојот клуб“, рече Бреслиева за М Нет телевизија.

Михајлов го освои петтото место на Европското првенство во силна конкуренција, кој за М Нет телевизија истакна дека конкуренцијата била доста тешка.

„Конкуренцијата беше тешка борбите беа скоро па добри, имаше секако и лоши моменти, можам да кажам дека во полуфиналето при водство од 3:2 во последните две секунди ја изгубив борбата поради казни. Потоа за третото место малку разочаран од полуфиналната борба загубив со 3:2 од Босанецот и го зазедов петтото место. Конкуренцијата беше тешка, имаше Италијанци, Француз, Шпанец, секако имаше и Срби, Црногорец. Јас го победи Србинот, Црногорецот потоа за полуфинале се борев против Франција и во полуфинале со Португалецот“, рече Михајлов за М Нет телевизија.

Младите каратисти со макотрпна работа, посветеност и дисциплина бележат одлични резултати, а веќе се насочуваат кон нивните нови предизвици кои им претстојат во следниот период.

Александар Ванев, М-Нет