
Уште еден голем подвиг во кариерата за штипскиот ултрамаратонец Тони Манев, кој успешно совлада неверојатна патека од 400 километри низ Швајцарските Алпи.
Манев, кој и во минатото имаше вакви слични подвизи, овој пат успешно заврши еден до најтешките планински ултрамаратони во Европа, откако успеа да истрча 400 километри на патеката што води низ суровите предели на Швајцарските Алпи, со 25.000 метри вкупно висинско искачување.
„Дека е тешко, тешко е. Ова бара една голема посветеност, една голема физичка спремност и уште поголема ментална припрема, ова е сепак еден голем потфат, каде што 400 километри е огромна бројка плус висинско искачување, шест дена живот на Алпите се среќаваме со секакви предизвици. Јас искрено од тоа што го зацртав, го остварив и сум презадоволен. Имаше тешки предизвици на првиот ден времето беше лошо со дожд, ветер, ладно, сонце, меѓутоа бев спремен на сето тоа, затоа менталната припрема е на прво место тука и кога успеав да се соочам со сите предизивци дојде и резултатот“, изјави Манев за М Нет телевизија.
Штипјанецот трката успешно ја заврши за 162 часа, 20 минути и 24 секунди, а со тоа го освои 181. место во генералниот пласман односно 161. место во машка конкуренција.
„Долж патеката имаме на некои одредени контролни точки кои што исто така мора да се поминат, имавме шест базни кампови за оваа трка, на кои се надополнуваме со храна, вода, може да се промени облека, медицинска помош. На овие базни кампови има време за одмор, го планираш своето време кога пак ќе стартуваш“, дополни Манев.
Штипјанецот пред камерите на М Нет телевизија вели дека е горд и среќен за овој голем успех.
„Јас лично за себе сум најсреќен на светот бидејќи ова го посакувам, ова го исполнив. Немав некои многу тешки моменти, и да биле го надминав бргу и сум задоволен од самиот себе и од трудот што го вложив, тоа што го дадов тоа и ми се врати“, заврши Манев.
Ова е неверојатен спортски подвиг, Манев зад себе има уште еден огромен успех кој е резултат на долг процес на подготовки, посветеност, физичка и ментална спремност, а градот под Исарот, но и Македонија се горди на овој ултрамаратонец.
Александар Ванев, М-Нет