Штипјанецот Стојанов го суди мечот меѓу Струга и Вардар, дерби на Шкендија и Силекс за врвот од табелата!

Денес со натпреварот меѓу шампионот Струга Трим Лум и Вардар се отвора 20. коло во Првата македонска фудбалска лига, а главен судија на натпреварот е Стојанче Стојанов од Штип.

Колото ќе се комплетира утре со останатите пет натпревари. Дербито на колото се игра во Тетово, каде лидерот Шкендија ќе се соочи со второпласираниот Силекс, ова ќе биде дуел каде и двете екипи силно ја посакуваат титулата во домашниот шампионат.

Шкендија го искористи киксот на Силекс во претходното коло и изби на врвот од табелата со 40 бодови, два повеќе од Силекс кој е втор и Гостивар кој е трет.

Задолжен за делење на правдата на овој натпревар ќе биде Јован Качевски.

Во Струмица на стадионот „Благој Истатов“ соочување ќе имаат Брера Струмица и Шкупи, каде двете екипи имаат императив за трите бодови. Струмичани со триумф дополнително ќе се зацврстат во средината од табелата, а пак Шкупи ако триумфира во Струмица ќе значи четврт триумф во низа за тимот од Чаир.

Главен судија на овој натпревар ќе биде Ндерим Тефику.

На Градскиот стадион во Гостивар ќе се соочат Беса и Гостивар, ова ќе биде дерби на двете екипи каде Беса сака победа за опстанок, а пак Гостивар за титула. Александар Урошевиќ ќе биде главен арбитар.

Работнички на домашен терен против Воска Спорт ќе нема право на грешка, откако во претходното коло загуби на Чаир од Шкупи. „Романтичарите“ целат кон титула, а од друга страна Воска Спорт која со триумф го отвори вториот дел на домашен терен е максимално мотивирана за позитивен резултат и во Скопје, каде Игор Стојчевски ќе биде задолжен за правдата.

Во Кавадарци ќе се одигра „братското дерби“ меѓу Тиквеш и Пелистер, домашниот тим силно ги посакува трите бодови во битката за одлепување на опасната зона на патот кон опстанокот. Пелистер е во ситуација каде е во нешто подобра форма и ќе го искористи моментот на тој психолошки притисок кој го има Тиквеш да извлече три бодови од Кавадарци. Бењамин Ќерими ќе биде главен судија на мечот.

Сите натпревари од 20. коло стартуваат во 14 часот.

Александар Ванев, М-Нет