
90% од вработените во училиштата и градинките во Штип и Карбинци не го прифаќаат предлогот за зголемување на платите од 12%. Со исклучок на градинката „Вера Циривири Трена“ и дел од училиштето во Карбинци, сите останати се согласни штрајкот да продолжи и утре. Како што истакна претседателот на Регионалниот совет, Марјан Костадиновски, Советот на СОНК ќе заседава дополнително, но Регионалниот совет одлучи да продолжи со штрајкот.
„Вработените во градинката „Вера Циривири Трена“ се изјаснија дека ќе продолжат да ги згрижуваат децата. Во училиштето во Карбинци дел од наставниците го прифаќаат предлогот, дел не. Сепак, попладнево, до 15:00 часот, над 90% од Регионалниот совет на СОНК се изјасни дека го продолжува штрајкот.“ – истакна Костадиновски.
Незадоволството од договорот го искажаа и дел од наставниците од другите градови. Собрани пред Синдикатот бараа средба со претседателот Неделков. По ова, тој истакна дека потпишувањето на некаков договор е само шпекулации и дека тој јасно кажал оти за предлозите ќе се произнесе членството. Затоа по барање на членовите се согласи седницата на Советот на СОНК да биде отворена и да се разговара по изјаснувањето на синдикалните организации. Неделков ги увери дека одлуките ќе бидат јавни и транспарентни.
Владата и раководството на СОНК вчера договорија 12% зголемување на платите, но за конечна одлука членството треба да се произнесе денес. По три и пол часовен дијалог меѓу двете засегнати страни договорот беше постигнат, а според најавите со училиште основците и средношколците ќе продолжат во среда.
Денеска почнува третата недела откако основците и средношколците немаат настава, а вработените во образованието штрајкуваат и сè уште е неизвесно дали штрајкот ќе биде прекинат и учениците ќе се вратат на настава.
Ребека Спасова М-Нет