
Од денеска започнува етапното исплаќање на априлските пензии, информираат од Министерството за труд и социјална политика. Пензионерите чии пензии се во износ до 11 илјади денри парите од фелијалите на банките може да ги подигнат денеска. Освен основните пензии 1000 денари плус на сметка ќе добијат 330 илјади пензионери преку договорената директна финансиска помош за три месеци.
Утре ќе се реализира исплата на пензиите од 11.001-14.000 денари, во четврток на пензиите од 14.001-18.000 денари и в петок ќе се реализира исплата на пензиите над 18.001 денари.
Според ресорното министерство, пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од денеска. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања. Етапното процесирање на пензиите, како што се наведува, ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, со оглед на тоа што пензионерите како возрасна група се најранливи.
Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми.
-Апелираме до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје, се наведува во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
Лаура Стојанова М-Нет