
Штипските каратисти Љупче Михајлов, Душица Бреслиева и Паола Арсовска, кои ќе учествуваат на Европското првенство во Полска, гостуваа во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија, тие веќе ги започнаа подготовките и со многу труд, тренинг, работа и дисциплина очекуваат одлични и големи резултати.
Арсовска пред себе ќе го има првото ЕП, вели дека треба многу труд и работа, а во иднина очекува да има големи успеси.
„Тренинзите супер, одлични, со голем напор но на крај успеав да победам на натпреварот. Имав три натпревари, три натпреварувачки коишто ги тепав со задоволство со голем напор, труд и работа. Најпрво сакам да постигнам голем успех на Европско првенство во Полска да земам медал, па натаму се надеваме на многу поголеми успеси“, вели Арсовска во Трибина.
Михајлов е поискусен каратист тој во Трибина ги сублимираше неговите големи резултати во 2024 година.
„Ќе ја сумираме така што ќе започнам со Европското првенство на кое го заземав деветтото место, потоа имавме Државно првенство за Светско првенство каде што бев прв, бевме и на Светско, потоа бевме и на Балканско првенство, станав балкански шампион и сега на крај ова Државно првенство поточно плеј-офот за Европското првенство кое го заврши на првото место и се квалификував за ЕП во Полска“, вели Михајлов, кој беше гостин во Трибина.
Подготовките за ЕП веќе се започнати и се работи максимално.
„Изгледаат така што имаме по два тренинга имаме наутро и навечер. Наутро тренинзите се рано, затоа што има помлади каратисти кои што се на училиште и навечер од 19 и од 20 часот имаме тренинзи. Така се одвиваат истите, имаме борби, се спремаме психички и физички тренинзи“, додава Михајлов.
2024 година е една од најуспешните за младата каратистка Душица Бреслиева.
„Не беше лесно и ова година е една од најуспешните за мене, бидејќи имав седмо место на Светското првенство и исто така бев по првпат Балкански шампион, тоа ми беше прво балканско место. Ова беше доста успешна година за мене, сега почнавме и нов спорт тоа е таекводното и тука сме имаме неколку успеси одиме постојано на натпревари, освојуваме места и можеме да се носиме со категориите и конкуренцијата што е во Македонија. Во каратето сега обезбедив пласман на Европското првенство, ова беше доста добра година за мене, се надевам дека следната ќе биде подобро“, вели Бреслиева за М Нет.
Младите каратисти имаат одлична година зад нив, сега фокусот ќе биде на ЕП во Полска.
„Имаме шест репрезентативци коишто ќе патуваат на Европското првенство во Полска, некои по првпат настапуваат што тоа е доказ дека нашите каратисти имаат иднина има подмладок“, вели тренерот Арсовски во гостувањето во Трибина.
Покрај Арсоска, Михајлов и Бреслиева на ЕП во Полска учество ќе земат и Драгана Ефтимовска, Божјидар Зафиров и Михаил Спасов, кои исто така се членови на карате клубот Штип.
Александар Ванев, М-Нет