Штипскиот Универзитет промовираше нов веб-сајт, пофункционален и покорисен за студентите

Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ го промовираше новиот веб-сајт, визуелно надграден и информациски збогатен. Сајтот е пред сѐ фокусиран на тоа да биде корисен за студентите и вработените, а освен информативниот карактер, има и едукативни, инспиративни, мотивирачки и културно-забавни содржини.

„Според првичните видувања имаме целосно нов портал и, според мене, најважно е што порталот прво е фокусиран кон нашите најважни корисници – студентите, им овозможува полесен пристап до сите информации, а и визуелно достојно го одбележува Универзитетот“, посочува ректорот Мираковски.

Особено внимание е посветено на тоа сајтот да биде соодветно достапен на мобилните уреди, имајќи предвид дека 80% од корисниците ги користат нив за пристапување и информирање. Проектниот тим вели дека потребно е да следи негово одржување, но и надградување.

„Основната замисла ни беше визуелно да го освежиме идентитетот на Универзитетот и да добиеме едно модерно решение. Тој процес почна со креирањето и изборот на логото на почетокот на годината и сега го заокружуваме со новиот портал. Важно ни беше сајтот да биде соодветно структуриран и нашите главни целни групи да можат лесно и брзо да дојдат до информации“, вели Златко Бежовски, раководител на проектниот тим, професор од Економскиот факултет.

Сајтот е креиран со најновите технологии, а новата верзија е многу побезбедна за разлика од претходната.

„Имплементиравме најнови технологии, веб-порталот е поставен во „клауд“, каде што имаме можности за скалабилно зголемување на ресурсите, посебно обрнавме внимание на заштитата, така што сајтот сега е помалку отворен за напади и сите имплементирани технологии во моментот се топ на светско ниво“, вели Зоран Здравев, координатор на ИТ-одделот.

Новиот сајт има и дел кој овозможува увид во експертизите и знаењата на професорите и соработниците на Универзитетот, како и соработката со индустријата и професорите од странство. Можност има и студентите да ги раскажат своите приказни.

„Станува збор за претходно направена анализа во рамки на Универзитетот со фокус на студентите и вработените како дел од целните групи и нивните размислувања за тоа како функционираше претходната платформа на Универзитетот за да преку увид од нивна страна добиеме значајни информации коишто ни дадоа за право да размислуваме во оваа насока на обновување и освежување на начинот на комуникација со целните групи, примарно студентите, а секако и вработените на УГД. Во оваа насока беше целиот проект“, вели Тамара Јованов-Апасиева, професор на Економскиот факултет

Веб-порталот е функционален на линкот www.ugd.edu.mk, а претходниот портал на УГД, life.ugd.edu.mk, сега се интегрира во новиот веб-портал во делот на блог.

Ребека Спасова М-Нет