Штипскиот Основен суд меѓу првите на листата за дигитализација

Штипскиот Основен суд меѓу првите ќе се дигитализира во претстојниот период. За ова информираше Министерот за правда, Бојан Маричиќ, при обраќањето преку видео – врска на денешниот настан организиран од ЕПИ (Институт за европска политика) на тема „Дигитално судство – нова ера на реформите на македонскиот правосуден систем“. Претходно тој посочи дека судството се подготвува за целосна дигитализација, имајќи ја предвид ситуацијата која ја наметна пандемијата, но и потребата јавноста да може да ја следи работата без да биде физички присутна. Како што рече тој, двајца експерти од САД ќе направат обиколка на судовите за да ја определат потребната спецификација за секоја судница поединечно. При посета на Штип тој само најави дека Основниот и Апелациониот суд во Штип ќе бидат опфатени во дигитализацијата, за сега да официјализира дека Основниот ќе биде прв или меѓу првите.

„Штипското апелациско подрачје е во рамките, се разбира, особено апелационите судови и оние основни коишто се со најголем број на предмети ќе бидат опфатени, затоа што таму најголем ефект и најпотребно е. 34 судови низ државата ќе бидат опфатени, секако, и штипска апелација и Основниот суд во Штип“, информираше Маричиќ.

Министерот нагласи дека со ОБСЕ веќе подготвуваат функционална платформа на која ќе се објавуваат податоци за работата на судовите, за тоа колку и како работат истите. Истовремено, со Министерството за информатичко општество и администрација тековно работат на воведување дигитални услуги за издавање уверенија и потврди од прекршочната и кривичната евиденција. ИКТ советот веќе започнал со реализација на ваквите предвидени активности, а истите се очекува да бидат достапни во втората половина на септември.

Ребека Спасова МНет