Штипската зоолошка нема да се затвори и покрај петицијата, просторот на лисицата е привремен

Штипското јавно претпријатие „Исар“ нема намера да го затвори ЗОО Паркот „Бриони“ и покрај петицијата која деновиве се појави на социјалните мрежи. Во самата петиција се вели дека ЗОО Паркот во Штип е место во кое десетици животни гладуваат и умираат, се јадат едни со други, без исправна вода за пиење и, како што пишува, живеат во ужасни нехигиенски услови. Но со ова не се согласува раководителот, Драган Стефановски. Тој вели дека условите за животните се најсоодветни и како такви се одобрени со инспекциски надзор.

„Најпрво да кажам дека сите животни кои се донирани во Зоолошката во Штип се донација од Зоолошка градина – Скопје и Зоолошка градина – Битола. Значи, има процедура на донирање на животните. Кога знаеме кое животно ќе го донесат, одиме во Скопје или Битола со екипа од градежната група, со архитект за да видиме кои услови и кое живеалиште му се потребни на тоа животни. Ние го изработуваме живеалиштето, во Штип доаѓа инспекциска група од Скопје или од Битола за да провери дали живеалиштето одговара, дали условите се задоволителни, така што додека тие не одобрат, не може да има донација на животно“, Драган Стефановски, раководител на ЗОО Парк „Бриони“.

Најмногу негодувања има околу живеалиштето на лисицата. Стефановски вели дека истото е привремено, бидејќи таа не е донација од зоолошките во Скопје или Битола и морало да се смести некаде. Во меѓувреме, и за неа се подготвува современо живеалиште кое ќе биде готово за најмногу една недела.

„Значи, моментално лисицата е привремено сместена во еден простор додека не се смести во новото живеалиште кое е по сите стандарди за живеалишта во Зоолошката градина во Скопје и во Зоолошката градина во Битола“, додава Стефановски.

Петицијата која се споделува на социјалните мрежи има нешто повеќе од 1.300 потписи. Претходно, од овој ЗОО Парк во Бугарија замина мечето Теди за кое ЈП „Исар“ немаше дозвола да го чува, а живееше во лоши услови во петнаесетина квадрати.

Ребека Спасова М-Нет