
Гости од Швајцарија, Германија и Шведска ќе бидат дел од седмата по ред „Текстилијада“ во Штип. Манифестацијата ќе започне со откривање на уметничка инсталација, а во текот на истата ќе бидат одржани низа дебати, дијалози, ќе се доделат наградите од литературниот конкурс на кој учествувале четириесетина основци и средношколци. Нема да изостане и работничкиот пикник, со акцент на синдикалното организирање, на кој ќе се подели и весникот „Текстилец“.
„Утре започнуваме токму со пречекување на нашите гости од еден текстилен град наречен Борос, којшто е пандан на Штип. Можам да кажам дека утрешниот ден ќе им биде посветен ним. Ја отвораме Текстилијадата в петок, во центарот на Штип, со уметничкото дело на тема „Корени на традицијата“, направено од склупторот Андреј Миневски. Продолжуваме со интернационалниот форум, којшто, меѓу другите, ќе го отвори и Амбасадорката на Шведска во Македонија. Предвидено е присуство на повеќе фактори од земјава и странство“, вели Ампева.
Текстилијадата ќе вклучува и повеќе уметнички настани, меѓу кои ќе биде и откривањето на муралот кој ја отсликува текстилната работничка во минатото и иднината. Целта на ваквите настани е да се унапреди улогата на работниците и работничките во текстилната индустрија, но и да се подобрат условите преку споделување мислења и идеи на институции, работници и работодавачи, како и останати засегнати страни во овој сектор, а сето тоа преку добри примери од странство.
„Работничка ќе ни ја раскаже нејзината приказна, која, за среќа, заврши позитивно, но е една на 100 или 1000, така што и таа ќе биде говорничка. Ќе ја раскаже својата позитивна приказна и да ги охрабри останатите да се борат, бидејќи родово-базираната дискриминација, најчесто, не ја препознаваат работничките, иако е толку многу присутна на пазарот на трудот“, додаде Благојче Дишоски.
Ампева додава дека Текстилијадата ќе биде добар настан со цел да се презентира она што е направено во периодот помеѓу две Текстилијади, но и да се мапира она на што понатаму треба да се работи. Седмата „Текстилијада“ во Штип ќе се одржи од 5 до 7 октомври.
Ребека Спасова М-Нет