Шкупи го доби Вардар, Струга преку пресврт го доби дербито со Шкендија

Шкупи ја доби скопската пресметка со Вардар откако на Чаир со 2:0 славеше домашниот тим кој сега е осамен лидер на табелата во Првата македонска фудбалска лига.

Арби Воша во 26. минута погоди за 1:0 на полувреме, а во вториот дел Иссифу постигна гол за конечни 2:0, откако стрелаше во 74. минута. Вардар по овој пораз останува на дното од табелата.

Шампионот Струга Трим Лум на домашен терен преку пресврт ја доби мега-пресметката со Шкендија откако со 2:1 славеше и обезбеди нови три големи бодови.

Тетовци први стигнаа до предност од 0:1, откако Ендрит Красниќи од пенал погоди во 54. минута од натпреварот. Во 63. минута Чинари заработи втор жолт картон и беше исклучен од игра, а тоа Струга максимално го искористи, откако најпрво Басироу Кампаоре во 74. минута постигна гол за 1:1, а само една минута подоцна Марјан Радески ја стресе мрежата на Давор Талески за комплетен пресврт и конечен резултат од 2:1.

Како што веќе објави телевизија М Нет вчера Работнички со 1:0 го доби Силекс, Брегалница со 2:3 загуби од Македонија ЃП, Тиквеш и Гостивар ремизираа играјќи 2:2, а реми имаше и во Охрид каде Воска Спорт и Брера Струмица одиграа 1:1.