Шкендија ќе одигра пет контролни натпревари во рамки на зимските подготовки

Фудбалскиот клуб Шкендија го утврди планот за пријателските натпревари во рамки на подготовките за вториот дел од сезоната. „Црвено-црните“ ќе одиграат вкупно пет контролни средби – една на домашен терен и четири за време на подготвителниот камп во Анталија, Турција.

Првиот тест за тетовскиот состав е закажан за 15 јануари, кога Шкендија на домашен терен ќе се соочи со АП Брера Струмица. Два дена подоцна, на 17 јануари, екипата ќе отпатува во Анталија, каде до 1 февруари ќе ја одработи главната фаза од подготовките.

За време на престојот во Турција, Шкендија ќе одигра уште четири пријателски натпревари против квалитетни меѓународни противници. Распоредот на контролите во Анталија изгледа вака:
– 20 јануари: против ФК Олександрија (Украина)
– 24 јануари: против ФК Подбрезова (Словачка)
– 28 јануари: против ФК Сараево
– 1 февруари: против ФК Ордабаси

Од стручниот штаб на Шкендија најавуваат дека овие натпревари ќе бидат искористени за подигнување на физичката и тактичката подготвеност на екипата, како и за тестирање на различни формации и решенија пред продолжението на официјалните натпреварувања.

Со ваков распоред и силни противници, Шкендија сака максимално подготвена да го дочека стартот на вториот дел од сезоната и да остане конкурентна на сите фронтови.