
По три одиграни кола во Првата македонска фудбалска лига вицешампионот Шкендија е лидер на табелата со максимален ефект од девет бодови, тимот од Тетово има три победи од толку натпревари и со тоа има перфектен старт во новата сезона.
Шкендија со 3:0 славеше над Скопје, го доби и дербито со Вардар со 0:2, а потоа ја доби и Брегалница со 4:1.
На делба на второто место се екипите на Силекс и Струга Трим Лум кои имаат освоено по седум бодови со учинок од две победи и едно реми, а веднаш зад нив е Тиквеш со шест бодови како четврти тим на табелата, додека пак дебитантот Шкендија Арачиново има четири бодови за петта позиција.
По три бодови имаат Брегалница, шампионот Вардар, како и Арсими, додека пак Скопје е претпоследен со само еден бод од можни девет, а единствен тим без бодови е Башкими кој се наоѓа на дното од табелата.
Од аспект на статистиките – Шкендија, Силекс и Струга се единствените екипи кои немаат пораз, а пак Скопје и Башкими не се израдувале на победа по трите одиграни кола.
Убедливо најдобри напади имаат Силекс и Тиквеш со по десет постигнати погодоци, а најдобри одбрани имаат Шкендија, Силекс и Струга со по еден примен гол. Башкими најлошо котира во сите статистики – тимот од Куманово нема постигнато гол по три меча, а прими дури 12 гола. Со добра статистика не може да се пофалат ниту Скопје и Арсими, тимот од Автокоманда постигна само еден гол во три натпревари, а прими седум, додека пак екипата од Чегране постигна два гола, а прими девет.
Александар Ванев, М-Нет