Брегалница в петок на Градскиот стадион во Штип под рефлектори против Башкими по втора сезонска победа

Брегалница в петок ќе го отвори четвртото коло во Првата македонска фудбалска лига против Башкими, натпревар кој ќе се одигра под рефлектори на Градскиот стадион во Штип со почеток од 19 часот.

Штипските „сини“ на Никола Кузманов ќе ја бараат втората сезонска победа, низ досегашните три натпревари забележаа триумф од убедливи 4:0 против Арсими на домашен терен, а во гости губеа од Вардар (2:0) и Шкендија (4:1).

Башкими, пак, во Штип доаѓа во лоша форма, статистички тимот најлошо котира и нема старт каков што посакуваше. Три порази од толку натпревари, тимот од Куманово губеше од Силекс на стартот од новата сезона со 6:0, дома пак загуби од Тиквеш со 0:5 и тоа резултираше со тренерска смена со што на тренерското столче седна Шабан Сулејман кој дебитираше со пораз од Арсими на гостински терен од минимални 1:0.

Брегалница го подигна квалитетот на повисоко ниво и пополека влегува во потребниот ритам бидејќи немаше одиграно пријателски натпревари, а со поддршка од верната публика ќе биде фаворит на мечот против Башкими со кој ќе се отвори четвртата рунда.

Башкими на „жешкиот“ терен во градот под Исарот ќе го бара првиот позитивен резултат за да стави крај на оваа лоша серија резултати на почетокот од новата сезона.

Билетите за овој натпревар ќе се продаваат по цена од 100 денари.

Александар Ванев, М-Нет