
Фудбалскиот клуб Шкендија Арачиниво официјално го промовираше своето најново засилување во зимскиот преоден рок. Станува збор за Енис Дервиши, кој од денеска и официјално е дел од „црвено-црното“ семејство.
Дервиши настапува на позицијата десен бек и важи за фудбалер кој носи стабилност, брзина и искуство во дефанзивната линија. Во Шкендија доаѓа од редовите на Тетекс, а зад себе има богато домашно искуство, со настапи и за Шкендија Тетово, Гостивар, Воска и Работнички.
Од таборот на клубот од Арачиново истакнуваат дека со неговото ангажирање продолжуваат да го зајакнуваат тимот со проверени и квалитетни играчи, во функција на остварување на поставените цели во продолжението од сезоната.
Енис Дервиши веќе им се приклучи на новите соиграчи и се очекува наскоро да биде на располагање за настап во првенствените и куп-натпреварите на Шкендија.