Шест нови судии во Апелациониот суд Штип и една судијка во Вишиот управен суд, избра Судскиот совет на денешната седница

Шест нови судии во Апелациониот суд Штип и една судијка во Вишиот управен суд избра Судскиот совет на денешната 549-та седница.

Меѓу избраните е и поранешниот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев, кој е избран за судија во Апелациониот суд Штип.

Советот донесе одлука за избор на вкупно шест судии во Апелациониот суд Штип – тројца во граѓанската и тројца во кривичната област.

Во граѓанската област избрани се Маја Џорлева, Александар Цацков и Мери Гичева, досегашни судии во Основниот суд Штип.

Во кривичната област избрани се Цона Каламерникова, судија во Основниот суд Струмица, како и Јулијана Неткова и Сашко Георгиев, досегашни судии во Основниот суд Штип. Георгиев е поранешен член и претседател на Судскиот совет.

За судија во Вишиот управен суд е избрана Едита Насковска, досегашна судијка во Управниот суд.

На седницата беше усвоен и записникот од 544-та седница на Судскиот совет, одржана на 20 мај годинава.

Точката за одлучување по барањата за право на надомест на трошоци поврзани со вршењето на судиската функција е одложена за наредна седница, со образложение дека претходно треба да ја разгледа Судско-буџетскиот совет.

Иван Митев, М-Нет