
Младата авторка, Милена Милорадова, вчеравечер ја промовираше својата прва стихозбирка со наслов „Шаренолики воздишки“. Овој прв одлив на поетските и прозни мисли, Милорадова вели дека за неа значи дополнителен мотив да твори, а инспирацијата да ја бара насекаде околу себе.
„Инспирациите за создавањето на „Шаренолики воздишки“ ги пронаоѓав насекаде околу мене. Сите моменти кои испишале некаков белег во срце си го пронајдоа патот кон креативноста останаа да сведочат засекогаш на парче хартија“, истакна авторката.
Рецензентки и промоторки на промоцијата беа професорките Милена Ристова-Михајловска, Валентина Бочварска и Милкица Миленковиќ-Стојанова. Во нивните рецензии пишуваат за мотивската разнообразност и стилската обоеност на литературните творби, во кои топло, искрено и едноставно се излеваат мислите на Милорадова.
„Книгата „Шаренолики воздишки“ претставува прв пообемен книжевен оглас на авторката Милена Милорадова. Создавана внимателно и со многу љубов во подолг временски период, оваа книга го пренесува целокупното поетско и прозно творештво на авторката, преку кое јасно се согледува нејзиниот творечки растеж како млад автор“, истакна Милкица Миленковиќ-Стојанова, рецензентка и промоторка.

Настанот се одржа во чест на 21 февруари – Денот на мајчиниот јазик, за што говореше библиотекарката Соња Манева. Истовремено, ваквите настани, вели таа, се начин да се одбележи месецот на љубители на библиотеки и годината во која чествуваме сто години од раѓањето на Ацо Шопов.
„Нас ни е посебна чест и гордост затоа што тоа е млад автор и сме доследни следбеници на аманетот на Блаже Конески, да го негуваат, да го чуваат, да го градат сопствениот мајчин јазик, а тоа е нашиот македонски јазик, кој е нашата татковина. Милена Милорадова е наша долгогодишна соработничка, дете на Библиотеката, коешто растеше со книгите“, истакна Соња Манева, библиотекарка.
За афирмација и популаризација на книгата во Библиотеката се предвидени низа активности и за следниот период, а и авторката Милорадова потенцира дека ќе твори во таа насока.
Ребека Спасова М-Нет