Цената на зејтинот може да падне до ниво како пред три години – Ковачевски во посета на „Брилијант“

Струја, енергенси и храна мора да има за сите, потенцираше премиерот, Димитар Ковачевски, од Штип. При посета на фабриката за масло „Брилијант“ истакна дека цените на маслото за јадење, но и другите прехранбени продукти ќе се намалуваат, бидејќи нешто повеќе од 200 производствени капацитети се имаат пријавено за снабдување со електрична енергија со пониски цени. Резултатите од оваа мерка ќе се видат по први декември.

„Токму во таа насока Владата во изминатиот период донесе одлуки за повластена тарифа на електрична енергија пониска од берзанската, со што влијаеме на намалувањето на цените на основните прехранбени производи. Според податоците коишто ги објавивме неделава, вкупно 518 субјекти, од кои 235 производствени капацитети на основни прехранбени производи се пријавија за снабдување со електрична енергија со пониски цени преку ЕСМ продажба и тие ќе бидат снабдувани со струја по цена од 85 евра за мегават/час, која треба да влијае на намалување на цените на основните прехранбени производи. Од први декември оваа година треба да ги видиме првичните резултати на пазарот од оваа мерка“, истакна Ковачевски.

Компаниите, пак, освен во пониската цена на струјата, спасот го гледат и во фотоволтаичните централи. Генералниот извршен директор, Сашо Наумоски, вели дека поради ова, цената на маслото за јадење е значително намалена, а нивниот стремеж е да се доведе до ниво на кое била пред три години.

„Цените на репроматеријалите мируваат, не паѓаат. Втора работа, ние имаме инсталирано премногу фотоволтаични централи, кои досега делуваа на падот на сончогледовото масло. Досега, цената е падната за скоро 40 денари и ние се трудиме дека цената и понатаму да ја намалиме и да ја донесеме, ако е можно, до цените што беа пред три години. Цената најмногу зависи од суровината, а што се однесува до енергијата веќе 30% имаме инсталирано фотоволтаични централи кои ни ги намалуваат трошоците за производство до крајниот производ“, истакна Сашо Наумоски, Генерален извршен директор на „Витаминка“.

Во насока на тоа компаниите од прехранбениот сектор да имаат домашна суровина, Ковачевски вели дека се става силен фокус на зголемување на земјоделството производство. Преку конкретни мерки и исплата на субвенции се оди во насока на зголемување на површините со земјоделски производи, во случајов сончоглед.

Ребека Спасова М-Нет