
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на вчерашната седница донесе неколку одлуки. Меѓу нив е донесена одлука за набавка на 15.000 до 20.000 нови столчиња за стадионите низ државата. Распределбата на столчињата ќе се врши согласно препораките на Општинските фудбалски сојузи и Управниот одбор на ФФМ, а ќе ги опфати клубовите од Првата, Втората и Третата Македонска фудбалска лига каде што се исполнети условите за нивна монтажа.
Клубовите, во соработка со локалната самоуправа, ќе бидат одговорни за обезбедување на монтажа на столчињата, со цел стадионите да бидат поудобни и подобро опремени за навивачите. ФФМ со оваа иницијатива продолжува да вложува во инфраструктурата и подобрување на условите за развој на фудбалот во Македонија.
На вчерашната седница беше закажано и редовното генералното собрание на ФФМ кое ќе се одржи на 21 март во Скопје со почеток од 11 часот.
Дополнително, УО на ФФМ донесе одлука за бесплатен влез за сите шест натпревари од УЕФА квалификацискиот турнир за жени до 17 години, кој ќе се одржи во Струмица и Турново во периодот од 28. февруари до 6. март 2026 година. Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за бесплатен влез за квалификацискиот натпревар на А репрезентацијата жени, Македонија против Андора, кој ќе се одигра на 07. март 2026 година на стадион „Петар Милoшевски“ во Битола.
Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за именување на Светозар Станковски, член на У.О. на ФФМ и поранешен репрезентативец, за нов претседател на Комисијата за натпреварување, на местото на Васко Дојчиновски. Управниот одбор изразува благодарност кон Васко Дојчиновски за досегашната работа и посветеност.
Александар Ванев, М-Нет