ФФМ со голема парична казна за Шкендија, тетовскиот клуб суспендиран од Купот на Македонија за следна сезона

По завршувањето на сезоната македонскиот фудбал, Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија имаше многу работа, а најтешко помина Шкендија.

Имено, Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Силекс се казнува со парична казна во висина од 5.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу ФК Силекс и ФК Шкендија.

Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Шкендија се казнува со парична казна во висина од 15.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу ФК Силекс и ФК Шкендија. Дополнително, ФК Шкендија се казнува со 10.000 евра поради националистички скандирања и слогани со навредлива содржина на национална основа, како и со 20.000 евр а поради истакнување транспарент со нацистичка содржина, за што веќе беа казнети од УЕФА.

ФК Шкендија е казнет со 30.000 евра и исклучување од натпреварувањето во Купот на Македонија за сезоната 2026/27 поради одбивање да ги прими медалите на свечената церемонија, како и поради деградирачки и непочитувачки однос кон официјалните лица и противничката екипа.

Покрај тоа, на ФК Шкендија му е изречена казна од 30.000 евра и забрана за присуство на публика на следните четири домашни натпревари поради непочитување на националната химна, односно исвиркување и дискриминаторски однос за време на финалниот натпревар од Купот на Македонија.

Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која ФК Вардар се казнува со парична казна во висина од 15.000 евра поради навредливо скандирање од страна на навивачите и несоодветна прослава на титулата од страна на фудбалерите.

Воедно, Дисциплинската комисија поведе постапка против ФК Вардар поради користење на пиротехнички средства на натпреварот од 33. коло помеѓу Вардар и Шкендија.

Александар Ванев, М-Нет