
Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги потврди шесте региони во Третата македонска фудбалска лига со што познато е како ќе изгледа третолигашката конкуренција за следната сезона, но и во иднина.
На досегашните пет региони се надополнува уште еден регион и поради тоа имаше мали промени во границите на веќе постоечките пет региони.
„Во насока на унапредување на организацијата на македонскиот фудбал, Управниот одбор го усвои и предлог системот на ФФМ за уредување на организацијата и структурата на натпреварувањата на национално и регионално ниво во сениорскиот фудбал. Согласно усвоениот предлог, територијалната поделба на Фудбалската федерација на Македонија ќе биде организирана во шест региони“, велат од ФФМ.
Регион 1 ги опфаќа општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Чаир, Карпош, Центар, Шуто Оризари, Чучер Сандево, Арачиново, Илинден, Петровец, Зелениково, Сопиште, Студеничани и Сарај. Овој регион е новоформираниот во кој гравитираат скопски општини.
Регион 2 е северниот регион, во кој се опфатени општините: Липково, Куманово, Старо Нагоричане, Ранковце, Крива Паланка, Кратово.
Регион 3 е всушност Трета лига – Исток и тука нема да има промени, гравитираат општините: Кочани, Македонска Каменица, Свети Николе, Лозово, Делчево, Пехчево, Берово, Ново Село, Босилово, Василево, Конче, Струмица, Радовиш, Штип, Карбинци, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Валандово, Гевгелија, Дојран, Богданци и Пробиштип.
Во Регион 4 ќе бидат клубови од општините: Велес, Градско, Неготино, Демир Капија, Кавадарци, Прилеп, Долнени, Чашка, Росоман, Крушево и Кривогаштани.
Во Регион 5 се следите општини: Битола, Ресен, Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Пласница, Македонски Брод, Могила, Демир Хисар и Новаци.
Последниот Регион број 6 ги опфаќа општините: Јегуновце, Теарце, Тетово, Желино, Брвеница, Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше, Дебар и Центар Жупа.
Свети Николе останува во Источниот регион, тоа значи дека ФК Овче Поле ќе се натпреварува како и досега во Трета лига – Исток, во регион пет и шест има мала промена, Дебар од регион 5 оди во регион шест односно Кораб ќе се натпреварува од Југозапад во Запад, а пак Влазрими Ј и Напредок од Кичево од регион шест одат во регион пет односно од Трета лига – Запад во Трета лига – Југозапад.
Останатите регион без значителни промени.
Александар Ванев, М-Нет