Форум на жени на СДСМ Штип задоволни од „Розов октомври“, во понеделник со нова активност

Завршија активностите за розов октомври на Форумот на жени на СДСМ Штип. Од спроведените активности е задоволна и претседателката, Ленче Рунтева, која беше гостинка во нашата емисија „Зум анализа“. Таа вели дека масовноста може да се види на сите настани, кои иако се скромни, сепак даваат придонес во борбата против болест каква што е ракот на дојката.

„Нашите активности ги планираме многу време, а ги организираме за многу краток период. За секоја објава којшто ќе се исконсултираме, од моментот на координацијата, нам ни се доволни три – четири дена за да може да го реализираме тоа и да има голема масовност. Како што гледате, досега сме задоволни од секоја активност, од нашите членови и активистки“, вели Рунтева.

Инаку, Светскиот месец во рамки на Форумот на жени се одбележа преку повеќе активности, меѓу кои беа марш, розова аукција и трибина за борба и превенција. На розовата аукција се купуваа предмети донирани на Форумот на жени, а собраните скромни средства рамномерно се поделија на две жени од Штип кои во моментов се борат со оваа болест. Рунтева вели, помошта е минимална, но значајна во, за нив, тешко време.

„Маршот ни беше завршна активност во Светскиот месец за борба против ракот на дојката. Октомври, како што знаеме сите, е прогласен за таков месец. Маршот беше организиран со целокупното членство и поддршка на сето тоа ни беше вицепремиерката, Славица Грковска, која навистина беше задоволна од поканата и срдечно се одзва. Пред маршот имавме организирано трибина за борба и превенција од ракот на дојката. На трибината се обратија д-р Елизабета Џидрова, доц. д-р Марија Караколевска Илова и д-р Билјана Илиев. И оваа трибина беше доста посетена.

Следната активност која ќе ја спроведе Форумот на жени на СДСМ во Штип ќе биде одбележување на Светскиот ден на дијабетичарите. Со цел да се покаже дека се грижат за сите ќе биде поставен штанд со едукативни флаери за живот со дијабетес, а обучено лице ќе го проверува и шеќерот во крвта кај граѓаните.

Ребека Спасова М-Нет