
Од 1000 луѓе кои патат од грбна болка, 85% се обиделе болката да ја лекуваат со аналгетици, дури 68% тоа го направиле без консултација со лекар, а 50% немале никакво подобрување по лекувањето. Од Центарот за традиционална кинеска медицина во Штип велат дека користењето аналгетици сѐ повеќе се злоупотребува, бидејќи пациентите ги користат масовно и тоа на своја рака.
„Во Македонија има масовна злоупотреба на аналгетици. Голем број од лекарите, особено од примарното здравство, болката не ја лекуваат со дијагностицирање на причините, туку со симптоматска терапија. Огромен е бројот на пациенти кои на своја рака без да се јават на лекар, болката ја третираат со земање аналгетици. Она што додава масло на огнот е тоа што аналгетиците се рекламираат масовно на исто ниво како суплементите во исхраната, иако нивното дејство може да биде штетно, да создадат зависност, резистентност или сериозни повреди ГИТ, како оштетување на слузокожата, крварење, гастрит и слично“, вели Мартин Каровски, директор на Центарот за традиционална кинеска медицина во Штип.
Каровски порачува дека не секоја болка треба да се третира со аналгетик и не треба секогаш им се верува на рекламите. Често ефектите можат да бидат и негативни, наместо позитивни и да не придонесат за подобрување кај пациентите. Најважно е аналгетиците да не се земаат на своја рака.
Ребека Спасова М-Нет