
„Природна чешма или вода од водоводот?“ – дилема којашто се појавува кај многумина штипјани. Меѓутоа, во Штип речиси и да нема природни чешми, па некои од граѓаните патуваат и по неколку километри за да наполнат вода. Други, пак, вода купуваат од маркети, а има и такви кои ресурси за двете опции не трошат, туку пијат вода од водоводот преку ЈП „Исар“.
Граѓанските активисти имаат и свои анализи за водата од водоводот, меѓутоа во однос на исправноста на водата од природните чешми не се сигурни. Заклучуваат дека секој треба да внимава, но сам да одлучи од каде ќе пие.
„Бидејќи луѓето гледам одат во природните чешми во Штип, не можам да им кажам дали е тоа во ред. Не знам таа вода колку е испитана“, вели Трајче Митев, граѓански активист.
Од ЈП „Исар“ велат дека исправноста на водата од природните чешми ја испитува Центарот за јавно здравје. Директорот, Трајче Здравков, вели дека во нивна надлежност е само испитување за водата која минува низ водоснабдителниот систем и за истата потенцира дека е со одличен квалитет.
„Јавното претпријатие согласно со законските надлежности има ингеренции само над водата којашто минува преку водоснабнителниот систем, односно од градската водоводна мрежа. Што се однесува до градските чешми, истите ги испитува Центарот за јавно здравје, зема мостри и ги испитува. Доколку нешто не е во ред, претпоставувам дека Центарот ќе реагира и ќе испрати соопштенија. Ние согласно со правилниците за пивка вода двапати во неделата земаме мостри и правиме испитувања за микробиолошки и биолошки квалитет. Досега водата е со максимален и одличен квалитет и е според сите стандарди и правилници за пивка вода, имаме една од најдобрите во цела Македонија“, вели Здравков.
Центарот за јавно здравје постојано прави испитувања за исправноста на водите. Последна информација од таму за неисправност на вода од јавни чешми во регионов беше за четири винички села во месец август.
Ребека Спасова М-Нет