ФК Башкими со соопштение: Мечот против Кожуф беше чесен и сосема заслужено ги освоивме трите бода!

Фудбалскиот клуб Башкими преку соопштение реагираше за натпреварот во Гевгелија, каде со 1:2 славеше над Кожуф, во вонредното 28. коло на Втората лига.

„Загрижени и револтирани од организираните напади врз нашиот клуб, врз гордоста на Куманово и врз еден спортски колектив кој дал многу за спортот, културата и младината! ФК Башкими 1947 не е само клуб, туку семејство создадено со децении наназад, со многу труд и пот. ФК Башкими 1947 им пречи на злонамерниците затоа што сега е посилен од кога било, затоа што ги оживува соништата на многу кумановци жедни за спорт, особено за фудбал. ФК Башкими 1947 оваа сезона беше најкомплетниот тим – и по инфраструктура, и по екипа и по навивачи. Ние сме тимот со најмногу гледачи на трибините. Ние сме силата и аманетот на многу генерации. Оваа сезона беше перфектна, сезона со многу посебни, но и разочарувачки моменти – но сите ги прифативме како дел од спортот. Тим ФЕР-ПЛЕЈ, тим кој промовираше многу таленти и емоции. До овде стигнавме само на спортски начин. Денешниот настан во Гевгелија, каде што се крена невидена прашина, имаше за цел само едно – да се прекине нашиот пат. Нашиот клуб, со најголема одговорност, информира дека како и секој натпревар, така и овој против Кожуф, беше чесен и сосема заслужено ги освоивме трите бода, во нашата борба за пласман во Првата лига! Цврсто веруваме дека овој напад ќе се поразен, бидејќи нема ниту еден факт, аргумент или индикација дека нашиот клуб не играл фер-плеј. Со надеж за правда и спроведување на законот, Ве покануваме во сабота во 17:00 часот, на дербито на колото против Детонит“, се вели во соопштението на клубот.

Соопштението на клубот доаѓа откако претходно реагираше ФФМ со соопштение, а потоа и министерот за спорт, Борко Ристовски.