
Второто полугодие за учениците, најверојатно, годинава ќе заврши на 14 јуни. Ова денеска го навести министерот за образование Јетон Шаќири на прес-конференцијата во Влада, а причината за ова е продолжувањето на зимскиот распуст за учениците.
„Вие знаете дека согласно со календарот за основно образование треба да се работат 180 работни дена. Првата одлука што беше за почеток на второто полугодие за 18 јануари, јас како министер за образование имав комуникација и заради подобро функционирање на процесот, одлучивме второто полугодие да се почне во понеделник, на 23 јануари. Но исто така и да се изработат сите 180 дена до крајот на ова второ полугодие, што значи дека ако има потреба ќе се доработат тие три дена“, истакна Шаќири.
Претходно, Владата на 118. редовна седница го разгледа и го усвои предлогот на Министерството за образование и наука, второто полугодие од учебната 2022/23 година наместо на 18 јануари да започне на 23 јануари (понеделник) со физичко присуство за сите ученици. Во образложението од Министерството за образование и наука е наведено дека зимскиот распуст се продолжува поради заштеда на греење и заштита на здравјето на учениците.
Ребека Спасова М-Нет