
Турски туристи ја наполнија Македонија – само во јуни во земјава пристигнале над 24 илјади гости од Турција. Веднаш по нив се туристите од Србија со над 8.500 гости, Германија со над 4.300 и Бугарија со над 3.200 туристи.
Се поставува прашањето – каде се домашните туристи и зошто нивниот број е сè помал? Домашните гости во јуни сочинувале само 22,8 проценти од вкупниот број туристи во земјава. Анкетираните граѓани велат дека високите цени се една од главните причини поради кои се поретко одбираат одмор во Охрид. Според нив, кога цената е речиси иста со одмор во Грција или Албанија, повеќе се исплати да се избере море наместо езеро.
Според податоците на ДЗС, од вкупниот број туристи, само 22,8 проценти се домашни, а над 77 проценти странски туристи.
„Во јуни 2026 година, од вкупниот број туристи, 22.8 % се домашни, а 77.2 % се странски туристи.
Бројот на ноќевањата во јуни 2026 година изнесува 221 608, од кои 29.2 % се од домашните туристи, а 70.8 % од странските туристи.
Земји од кои дошле најмногу странски туристи во јуни 2026 година:
24 570 од Турција
8 522 од Србија
4 396 од Германија
3 207 од Бугарија“, велат од ДЗС
Сепак, граѓаните велат дека со пониски цени можеби повторно би го избрале Охрид за летен одмор. Дали домашните туристи ќе се вратат на охридското крајбрежје, според нив, ќе зависи најмногу од цените што ќе ги понудат туристичките работници.
Иван Митев, М-Нет