
Со студенти од Германија, Шведска, САД започна новата академска година на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, но и годинава сѐ уште доминанти се турските студенти. Повеќе од нив се запишани на Факултетот за медицински науки, а еден од факултетите или академиите одбираат откако ќе го положат курсот за изучување на македонскиот јазик.
Ректорот, Дејан Мираковски, вели дека иако интересот е најголем за насоката Општа медицина, бројот годинава е зголемен и на останатите насоки од Медицинскиот факултет. Странски студенти има и на Правен, Информатика и други факултети. Посочува дека зголемувањето на бројот на студиски програми е еден од начините за привлекување странски студенти од повеќе држави.
„Ние секоја година запишуваме околу 200 странски студенти на сите студиски програми. Има поголем број студенти коишто учат подготвителна настава, меѓутоа бруцоши секоја година се околу 200. Интересот полека се буди и на другите студиски програми, освен Општа медицина, сега имаме сличен број на Дентална медицина, одреден број студенти на Фармација, но имаме студенти и на Правниот факултет и на Факултетот за информатика, односно компјутерска техника и наука, којашто е нова студиска програма. Доминантен број сѐ уште се студенти од Турција, но тоа полека се менува, имаме студенти и од западните држави од Европа, како што се Германија, Шведска, САД“, вели ректорот Мираковски.
Нашите студенти, пак, се поделени во однос на прашањето „што по студиите?“. Голем дел од нив остануваат да работат во земјава, но има и такви кои својата иднина ја гледаат во странство.
Соседните земји, како Бугарија, Грција и Србија, но и подалечните, како Холандија, Германија, Австралија и држави од Африка и Азија, се некои од земјите чии државјани студираат на штипскиот Универзитет.
Ребека Спасова М-Нет