Туризмот очајно трага по работници, младите кои остануваат заинтересирани за свој бизнис

Туризмот заедно со градежништвото и хотелиерството се најзагрозените гранки кои очајно бараат работници. Кај нас недостасуваат 10.000 работници годишно, кои сезонски заминуваат на работа во Хрватска, Словенија и други европски земји, поради што кај нас има сериозна потреба од кадар. Сезонските работници претежно се млади, наталитетот опаѓа, а ситуацијата е уште посериозна во руралните средини, согласен е и Димитар Смилјановски од Македонската развојна фондација за претпријатија. Сепак, посочува дека оние кои остануваат овде се со поголем претприемачки дух.

„Прашањето за младите е прилично комплексно. Ние спроведуваме и други проекти коишто се фокусираат на младите. Проблемот е што многу се иселуваат, наталитетот опаѓа, а уште покритична е состојбата во руралните подрачја. Не зборувам за градовите, зборувам за понатаму каде што млади веќе и нема. Но оние коишто се тука се интересираат, новите генерации коишто доаѓаат се попретприемачки настроени, бараат начини за да развијат сопствени бизниси, за разлика од некои претходни генерации каде што сме чекале друг вид на вработување, јавна работа и слично“, посочува Смијлановски.

Дека младите се насочени кон сопствени бизниси сведочат и мерките за бизнис планови, меѓу кои само за мерката поддршка за самовработување минатата година во Штип беа потпишани договори со 32 невработени лица. Од нив десет беа млади лица до 29 години, а 11 жени. Сепак, проблемот со недостиг на работна сила во земјава останува актуелен поради масовната миграција во потрага по подобри услови и плати, најчесто во земјите членки на Европската Унија. Токму овој проблем Владата планира да го решава на два начина: преку квалификација и доквалификација на домашниот потенцијал и преку увоз на работна сила од странство. Од каде, колку и како ќе се увезува сѐ уште не е дефинирано, туку само отворено се дискутира за веќе стар, но сѐ поактуелен проблем.

Ребека Спасова М-Нет