Еколошка акција во населбата Автокоманда во Штип, се расчистуваше јавната површина

Пролетните еколошки акции на ЈП „Исар“ и Општина Штип започнаа од населбата Автокоманда. Ваквата акција е продолжение на она што се реализираше и минатата пролет, кога беа исчистени повеќе штипски населби. Вработените, но и тамошните жители денеска ги чистеа и собираа сметот и шутот од населбата со цел, како што истакна и градоначалникот, Иван Јорданов, подигање на јавната свест.

„Заедно со ЈП „Исар“ и УЗ Автокоманда овие два дена ќе работиме на расчистување и уредување на оваа урбана населба. Пред сѐ целта е подигање на јавната свест, но и едно еколошко чистење во пресрет на пролетта. Нашата цел е во наредниот период, во наредните викенди исто така да ја реализираме оваа активност и во другите населби“, истакна градоначалникот Јорданов.

Јорданов повика на што поголема ажурност од страна на граѓаните на општина Штип. Посочи дека секој може да се приклучи на ваквите акции преку расчистување, но порача и дека секој треба да внимава и да не ја загадува околината во која живееме.

„Сакам да ја искористам оваа прилика да ги повикам нашите сограѓани, прво да ни се приклучат, а она коешто е најважно е да влијаеме на нивната свест, затоа што ѓубрето и сметот завршуваат на улиците, на јавната површина благодарение на нас – граѓаните. За почист, позелен град потребно е да бидеме вклучени сите заеднички, не само да ги расчистуваме овии остатоци од ѓубре, туку и да внимаваме каде го депонираме и каде го оставаме ѓубрето од нашите домови“, порача Јорданов.

Активноста за почист и зелен град се реализира преку еколошко расчистување на населбите во градот и засадување садници. Минатиот викенд и во текот на неделата нови садници доби месноста Кумлак во Штип, но и централното градско подрачје, односно коритото на река Отиња.

Ребека Спасова М-Нет