Триаголник на надлежности – институциите префрлаат вина, дивите пазарџии остануваат на тротоарите

Тезги по тротоарите, на улиците кај градскиот пазар во Штип, проблемот се провлекува со години, ставовите на пазарџиите сосем спротивни. Едни велат плаќаат и легално продаваат на тротоарот, други се жалат како сакаат да платат и да продаваат од камионите, ама не им било дозоволено. Продавачи од струмичко кој денеска своите тезги ги имаа поставено на тротоарот на излезот од пазарот во Штип велат платиле и продаваат „легално“, други, пак, се обиделе, ама не успеале оти утринава ги избркале од паркинг-просторот.

„Чистеме, метеме, плаќаме си кирија и немаме проблем со никој. Плаќаме на сопственциите, си одржаваме.“

„Јас сум дојден со камионот од вчера, влегов на паркингот. Доаѓа утринава еден и ми вика господине камионот да го тргнеш, кај да го носам, барај место ми вели. А може ли викам да си платам, за две места зафаќам место ќе ги платам и двете места.“ – додаваат пазарџиите.

Дали може да се плати за да легално се продава на јавна површина во Штип, прашавме во Oпштината. Градоначалникот Јорданов децидно одговори дека такво нешто нема, Oпштината не дала дозвола и постојано се мачат да го решат проблемот со дивите пазарџии во Штип.

„Не постои надлежност Oпштината да ги санкционира овие диви пазарџии, треба да реагираат од Пазарна инспекција и од МВР.“ – вели Јорданов.

Од пазарна инспекција велат дека неколкупати биле на терен досега и прстот го вперуваат во комуналната инспекција и полицијата. Додаваат дека рeдари треба да има на терен и да не се дозволува на дивите пазарџии да се постават и да продаваат таму.

Од полицијата, пак, со став дека тие може да казнуваат само за непрописно паркирање. Да се отстранат дивите пазарџии од местото каде се поставени е можно само ако се побара нивна интервенција од комуналната инспекција.

Лаура Стојанова М-Нет