Трет ден работа на терен и нова шахта е исходот од поплавата пред два дена во Штип

Поплавата кај семејството Атанасковски од Штип пред два дена, на површина извади низа пропусти од минатото. Екипите од ЈП „Исар“ во вторникот не можеа да ја пронајдат шахтата, бидејќи истата беше асфалтирана. Мораше да се интервенира превентивно, за да се сопре канализациската вода која извираше од тоалетот кај семејството Атанасковски, па се отвори нова шахта. Со ова од јавното претпријатие „Исар“ истакнаа дека полесно ќе се решаваат проблемите во иднина и нема да се соочуваат со проблеми како оној од пред два дена.

„Веќе трет ден екипите на Водовод и канализација работат на дефект на канализациона линија кој настана и поради немилиот настан кој се случи со поплавување на едно домаќинство, а сето ова е како резултат на тоа што претходно оваа улица е асфалтирана, ама не е променета канализационата и водоводна линија. Со тоа е отежната самата интервенција на екипите на Водовод и канализација поради тоа што сите шахти и беа потрупани со асфалт. Ние денеска превентивно го решаваме проблемот за во иднина да не се случуваат вакви настани, изработена е нова шахта со цел екипите да може да работат на интервенција поефикасно“ – вели Ѓорѓиев.

Од ЈП „Исар“ апелираат до граѓаните да внимаваат, со цел да не дојде до ситуација во која ќе се затне канализацијата и ќе се поплави објект, домаќинство како пред два дена. Од новата шахта се извадија доста работи кои придонесоа за затнување и предизвикување на проблемот.

Лаура Стојанова М-Нет