
Минимална пензија од 18.000 денари во моментов е нереална сума, вели министерката Тренчевска во однос на барањата на пензионерите. Посочува дека тоа е мерка која на краток рок ќе донесе задоволство кај сите пензионери, особено кај оние со минимални пензии, но на долг рок тоа ќе значи нестабилен Фонд за пензиско и ќе биде неизвесно дали сите пензионери и дали навремено ќе земат пензија. Таа посочи дека до крајот на годината ќе се најде соодветно решение како да се дефинира минималната пензија која ќе биде под прагот на сиромаштија утврден според Светска банка.
„Секогаш кога се креираат политики, мора да се мисли на стабилноста на Фондот за пензиско. 18.000 е нереална пензија, затоа што минималната плата ни е 20.000 денари. Тоа значи дополнително оптеретување на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и доведување во ситуација да по три – четири месеца се прашаме дали сите 330.000 пензионери ќе добијат пензија. Мора да водиме сметка за стабилноста на Фондот, мора да водиме сметка за навремено исплаќање на пензиите секој месец. Тоа е вистинска грижа, не се потребни популистички мерки коишто на неколку месеца ќе ги задоволат потребите на сите пензионери, но на подолг рок значи дека ќе ја доведеме во прашање стабилноста на Фондот за пензиско“, истакна министерката Тренчевска.
Тренчевска посочува дека барањата на Иницијативниот одбор на пензионери и на Сојузот на пензионери се слушнати и ќе се формира работна група за дискусија. Во однос на покачувањето со септемвриската пензија, Тренчевска посочува дека ќе се запази методологијата од 50% трошоци на живот и 50% од порастот на просечната плата. Според тоа, ќе се види дали покачувањето ќе биде од 6% или повеќе.
„Нѐ очекува ново покачување, усогласување на пензиите со септемвриската пензија. Ги очекуваме деновиве податоците од Заводот за статистика и врз основа на овие податоци ќе го знаеме точниот процент којшто ќе биде процент за усогласување на пензиите на сите 330.000 пензионери“, додаде Тренчевска.
Тренчевска вели дека пензиите се економска категорија и висината на истата зависи од тоа колку луѓето вложувале во неа во текот на работниот век, па затоа е неправедно да се изедначат сите. Во септември, вели таа, ќе нема пензија под 13.300 денари.
Ребека Спасова М-Нет