
Синоќа беа доделени признанијата и наградите за најдобрите во спортот за 2024 година на град Штип. Ултрамаратонецот Тони Манев ја доби наградата за спортски подвиг за 2024 година, тој минатата година стана првиот Македонец кој истрча 271 километар на трка во Швајцарија.
Манев за М Нет телевизија откри дека во 2025 година ќе учествува на трка во Норвешка долга 302 километри.
„Секоја награда е мотив плус за секој спортист, секој спорист се надева да биде со поголеми резултати. Јас веќе за оваа година имам најавено за уште поголем подвиг, припремите веќе ми се почнати, да најавам, ќе трчам во Норвешка на трка долга 302 километри. За оваа трка сега се подготвувам, не само да се заврши се надевам на еден добар пласман, најпрво целта ми е да ја завршам трката под 100 саати, односно под 90 саати, тоа ми е целта“, рече Манев за М Нет телевизија.
Ракометарката Марија Анчева ја доби наградата за најуспешна жена во спортот, таа одново беше најдобар стрелец во македонската Суперлига, со најмногу постигнати погодоци, исто така со Астибо избори место меѓу најдобри шест во државата односно нејзиниот клуб настапува во плеј-оф сегментот од ракометната елита на Македонија. Анчева е член на сениорската ракометна репрезентација на Македонија.
„Ова награда е многу значајна за мене бидејќи ова го покажува успехот што го имам постигнато за минатата 2024 година, да и 2023 година ја добив исто оваа награда, се надевам дека сите други спортисти и посебно жени, ова ќе биде поттик за да учествуваат многу повеќе во спортот и да знаат дека тие не се дискриминирани, туку дека сме еднакво исто со машкиот пол. Го остваривме тоа што го замисливме пред една година влеговме во шестте најдобри екипи во Суперлигата на Македонија, досега ракометен клуб не бил во плеј-оф, значи ова ни е голем успех што го имаме постигнато оваа година. Имаме неколку засилувања за вториот дел ќе биде многу тешко имаме доста голема конкуренција екипи од многу поголем ранг се надеваме дека ќе покажеме добри резултати и ќе биде исто успешна година“, рече Анчева за М Нет телевизија.
Награда за најдобар тренер доби Бобан Данов, награда за најдобар спортски судија доби Даниел Илијев, а пак за спортски работник Дејан Величков. За најдобар спортски клуб беше прогласен одбојкаркиот клуб Штип Угд, а пак за спортски амбасадор планинарот Зоран Николов.
Најдобри резултати во училишен спорт имаат ООУ „Ванчо Прќе“ и СОУ „Славчо Стојменски“. Доктор Горги Стојчев доби награда за животно дело во спортската медицина.
Телевизија М Нет доби признание за придонес во спортот. Изминатата 2024 година М Нет телевизија реализираше голем број на директени пренос од фудбалски натпревари од Втората и Третата лига, како и од футсал лигата, го започнавме и спортскиот магазин Трибина кој го посветивме на македонскиот спорт.
Признанија и награди беа доделени и во категорија пионери, кадети, младинци и сениори.
Александар Ванев, М-Нет