
Тиквеш со десетмина фудбалери успеа да остане непоразен и одигра 1-1 против актуелниот првак Вардар во последниот натпревар од петтото коло во Првата фудбалска лига. Ако се цени според пожртвуваноста и залагањето, а и според создадените шанси, Тиквеш беше и поблиску до триумф.
Во седмата минута, Гуџуфи нафрли од левата страна, а во петерецот Н’фанли Сила шутираше непрецизно со глава од одлична позиција.
Гуџуфи две минути подоцна се обиде од 20 метри, но беше блокиран во последен момент.
Тиквеш поведе во 21.минута. По нафрлувањето од слободен удар, Ибрахима Фал со удар со глава ја затресе мрежата на Вардар.
Само четири минути подоцна, Тиквеш остана со фудбалер помалку, откако Лавал при еден дуел со лакот го удри Филип Најдовски. По интервенција од ВАР собата, судијата Грујоски му покажа црвен картон.
Вардар успеа да израмни во 40.минута. Одличен гол со глава постигна капитенот Азер Омерагиќ, по центаршутот на Давид Бабунски од левата страна.
Две минути подоцна, Давид Бабунски упати силен шут од 20 метри, Стевковски успеа да одбрани, а на одбиената топка реагираше Омерагиќ, но обидот беше блокиран.
Во второто полувреме се очекуваше Вардар да притисне поради бројната предност на теренот, но Тиквеш имаше многу повеќе шанси.
Во 53.минута, Цветковски лошо реагираше, а Диковски мораше да влезе во воздушен дуел со Сила. Вардар имаше среќа во оваа ситуација.
Во 57.минута, Бесар Гуџуфи шутираше од 14 метри откосо од левата страна и ја погоди гредата.
Тиквеш со десетмина фудбалери се закани и во 84.минута, кога Фал беше во шанса, но блокираше Пулеио во последен момент.
Лусианињо во 88.минута шутираше силно, но Диковски одбрани. Голманот на Вардар беше успешен и претходно, при шутот на Попзлатанов.
На крајот, Тиквеш и Вардар ремизираа 1-1 и поделија по еден бод. (ФФМ)