Таневски се збогува со ФК Скопје: Клубот секогаш ќе има посебно место во моето срце

Тренерот Александар Таневски преку емотивна објава на социјалните мрежи потврди дека го напушта кормилото на новиот македонски прволигаш ФК Скопје, само кратко по историскиот успех и враќањето на клубот во елитното друштво.
Таневски истакна дека одлуката не е донесена поради недостиг на љубов кон клубот, туку токму поради почитта што ја чувствува кон сите со кои ја сподели успешната сезона.
„Не си заминувам од ФК Скопје затоа што не го сакам клубот, играчите, навивачите и луѓето од населбата. Напротив – токму поради сè што поминавме заедно, оваа одлука ми е тешка“, напиша Таневски.
Тој потсети дека заедно со фудбалерите и стручниот штаб изградиле тим со победнички менталитет, создавајќи атмосфера која резултираше со враќање на ФК Скопје во Првата македонска фудбалска лига.
Во својата порака нагласи дека понекогаш е потребно да се стави крај на една успешна приказна додека сè уште постојат достоинство, меѓусебна почит и убави спомени.
На крајот, Таневски упати благодарност до играчите, членовите на стручниот штаб, навивачите и сите кои биле дел од успешната сезона, додавајќи дека ФК Скопје засекогаш ќе има посебно место во неговото срце.
Заминувањето на стратегот доаѓа во момент кога клубот се подготвува за настап во Првата лига, по една од најуспешните сезони во поновата клупска историја.