Судењето за Пулс започна со предупредување за родителите дека ќе бидат исклучени од судењето

Денешното судење за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ почна со предупредување за родителите на загинатите кои го следат судењето. Пред да почне сослушувањето на сведоците, судијката Диана Груевска-Илиевска ги предупреди родителите на загинатите да го почитуваат редот во судницата и им објасни дека сите обвинети имаат право на адвокат, по тензијата од минатото рочиште. Ги предупреди дека ќе бидат исклучени од судењето доколку го нарушат редот во судницата, а исклучување на јавноста на следното нарушување на редот побара и адвокатката на сопственикот на „Пулс“ и неговиот син.

Адвокатката Коцевска во саботата побара сите надлежни органи да преземат мерки поради тоа што, како што кажа, нејзиниот лик бил „злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма“ на транспарент за време на „Маршот на ангелите“ во Кочани.

Родителите на загинатите, пак, тврдат дека е неточно тврдењето дека на транспарентот била адвокатката Коцевска, дека тие воопшто не ја споменале, но таа се препознала.

„Кога јавно зборувате за сочувство и емпатија кои досега сте ги имале кон нас родителите, мора јавно да ве потсетиме на вашите сопствени зборови изговорени пред луѓе кои ги изгубија своите деца. На судењето рековте дека обвинетиот требало да одговара за небрежност, а не за тешки дела, дека немал свест за обврските и најболната реченица која ни ја упативте за вас тоа е монструм, а за мене обичен човек. Тоа вие го кажавте лично пред нас родителите, тоа не е емпатија, тоа е суровост.“ – додава Наунов.

На денешното рочиште ќе сведочат петмина сведоци на Обвинителството кои го преживеале пожарот во „Пулс“.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет