
Неделава треба да се избере најповолен изведувач за изградба на првиот старечки дом во Кочани. Објектот ќе се гради на локација кај некогашната стара касарна во Кочани и ќе биде од големо значење за граѓаните како од градот така и од регионот. Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, истакна дека пет фирми се пријавиле на огласот за изведувач на домот, а во наредните денови ќе биде распишана и аукција.
„На 15 јануари 2026 година ги отворивме понудите за изведувач на старечкиот дом во Кочани. Имаме пет апликанти. Во моментот од страна на службите за јавни набавки при Општина Кочани се разгледува документацијата која ја имаат приложено. Се надеваме дека оваа недела ќе се распише аукцијата каде сите оние кои ги исполнуваат условите ќе може да аплицираат и со тоа очекуваме избор на најповолен изведувач“ – вели Грозданов.
Околу 150 стари лица ќе може да се згрижат во домот за стари лица во Кочани по цени достапни за граѓаните, бидејќи истиот ќе биде во државна сопственост.
„Знаејќи го фактот дека во државата старечките домови се преполни, дека се бара место плус за згрижување на старо лице овој капитален објект ќе е од огромно значење не само за Кочани, туку и за цела Источна Македонија. Проектиран е за згрижување на околу 150 стари лица и истиот е со огромна придобивка бидејќи ќе е во државна сопственост. Цените на услугите нема да се сегашните кои се по приватните старечки домови.“ – вели Грозданов.
Предвидено е откако ќе започна градежните активности домот за стари лица да биде завршен за две години. Ова ќе биде втор старечки дом во Истокот, бидејќи моментално работи само домот за стари лица во Берово.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет