Стихозбирката „Верба, надеж и љубов“ на Анка Денкова ја доживеа својата прва промоција

Штипската Библиотека ги отвори вратите за промоцијата на книгата „Верба, надеж, љубов“ од Анка Денкова. Доживувања и искуства преточени во стихотворења, излеани преку музика и рецитации на младите креативци беше она во што присутните можеа да уживаат. Денкова не пишува, туку само го запишува она на што ја учи животот, сакајќи да го пренесе „лајт – мотивот“ на постоењето.

„Станува збор за нешто во што веруваме, нешто во што сме верувале и што ќе ни дава сила и моќ за понатаму. Не ја потенцирам важноста за секојдневието, но сакам да придонесе за едно убаво спокојно чувство и емоции кај секој што би ја прочитал, а предлагам добро читање и пред сѐ да се пронајдат во стиховите. Благодарам што има посетеност од луѓе коишто ми значат и мислам дека како што ги имам своите емоции и сум ги градела низа години досега, така секој секој ќе го разбере тоа и ќе се пронајде во него“, вели Денкова.

Рецензентки и промоторки беа Дајана Денкова, проф. Јованка Шалева и доц. д-р Милена Ристова – Михајловска, кои за стихозбирката велат дека е синестезија на поуки, упатства, совети за посреќен живот, за испливувања од тагите и одење кон радостите.

„Поетската збирка со симболичен наслов ,Вера, надеж и љубов’ на Анка Денкова во себе го содржи сето она што една голема душа со големо значење, а со многу мали барања од животот во себе може да го содржи. Оваа збирка од оддава една личност којашто сѐ осознала во животот, сѐ дознала, се помирила и на крајот вели ,Јас сум среќна!’. Моето видување за оваа збирка не го завршувам со точка, туку со неколку коишто значат продолжение, а коешто јас во иднина очекувам да се случи“, вели Шалева.

„Инспирацијата е повик, повикот е дар, дарот е цвет, цветот треба да се чува и да се негува за од него да премине расцут или дело. И тука цветот ја носи клучната симболика како розата на Малиот принц, како цветот во истоименото дело што едновремено и под стаклено ѕвоно се чува и вреди светот да ја види. Ова е седмо дело во Едицијата ,Бисери’ на АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ што се јавува како издавач. Нека биде поттик за идни творци и симболичен почеток за идни дела на поетесата Анка Денкова! Баш како што Бог го создаде светот а седум дена, како број што означува тоталитарност на универзумот, како симбол за комплетноста на седумте дена во неделата, како седумте музички ноти, како седумте книги библиски, како седумте чакри човекови, како седумте бои на виножитото… “ – вели Ристова – Михајловска.

Промоцијата на настанот е реализира во склоп на проектот „Француски учиме, македонски читаме – култура спојуваме и развиваме“, а е седма книга во издавачката дејност на АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ.

Ребека Спасова М-Нет