
Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) најави нов голем работнички протест кој ќе се одржи на 14 март во Скопје, со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на останатите плати за најмалку 6.000 денари.
На прес-конференција во Работничкиот дом, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, истакна дека синдикатот ја продолжува борбата за подобрување на работничките права поради, како што рече, „игнорантскиот однос“ на Владата и работодавачите кон барањата за повисоки плати.
Протестот ќе започне на 14 март во 12:05 часот пред Работничкиот дом на ССМ, од каде работниците ќе се упатат кон Собранието, Стопанската комора и Владата.
Според Трендафилов, симболиката на почетокот на протестот „пет минути по дванаесет“ треба да покаже дека работниците веќе одамна се соочуваат со сериозна економска состојба. Тој ги повика работниците масовно да излезат на улица и да се приклучат на протестот, нагласувајќи дека бројноста на протестите е единствениот начин да се изврши притисок за промени.
Од ССМ посочуваат дека повеќе од 160.000 работници во државата примаат плата под 30.000 денари, што претставува околу една третина од вкупниот број вработени. Во исто време, според синдикатот, од почетокот на годината вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за околу 2.000 денари, додека најавеното усогласување на минималната плата изнесува само околу 1.667 денари.
Трендафилов истакна дека на претходниот протест во јануари учествувале над 12.000 работници и дека токму притисокот од улицата довел до одредени отстапки од институциите. Тој најави дека ССМ ќе организира превоз од повеќе градови низ државата за да им овозможи на работниците да присуствуваат на протестот.
Претседателот на ССМ порача и дека синдикатот ги отфрла сите политички игри и обиди за политизирање на работничките барања, нагласувајќи дека борбата за повисоки плати не смее да се користи за партиски цели.
Доколку институциите не одговорат на барањата, од ССМ најавуваат дека следен чекор може да биде организирање генерален штрајк и дополнителни протестни активности. Според Трендафилов, работничката борба е долгорочен процес и синдикатот нема намера да се откаже од барањата за подобар животен стандард на работниците.