Средношколците топло пречекани во штипските училишта, возбудени за новите предизвици

Со неизвесност, возбудени срца, желба за стекнување нови знаења и другарства, денес беа свечено пречекани учениците во прва година во штипските средни училишта, гимназијата ,,Славчо Стојменски” и медицинското училиште ,,Јане Сандански“. Со љубопитни погледи, средношколците се запознаваа со новите училишта, новите професори и новата средина. Гимназијалците од втора година со совети ги охрабруваат оние од прва година, тврдејќи дека токму гимназијата е местото каде се градат најубавите средношколски денови.

Гимназијалците уште првиот ден со насмевки и позитивна енергија упатија пофални зборови кон своето ново училиште. Велат дека уште сега се гледаат како млади со големи соништа, а гимназијата е местото што ќе им го овозможи тоа.

Директорката на Средното општинско училиште гимназија ,,Славчо Стојменски“, Весна Ристова изјави дека оваа година имаат примено вкупно 103 ученика, распоредени во пет паралелки, во прва година. Ристова особено ја радува фактот што најголем дел од новата генерација се со одличен успех и што повторно клупите се полни. Таа истакна дека сите ученици продолжуваат со едносменската настава, што се покажало од голема важност за доброто и продуктивноста на гимназијалците. За прва и втора година, Ристова кажа дека ќе учат по нов концепт на гимназиско образование, избирајќи ги предмети за кои имаат интерес и ги сакаат.

,,Денеска е многу убав и радосен ден во нашата гимназија затоа што на први септември секогаш се полни училиштето, училишното ѕвонче заѕвонува и доаѓаат нови генерации на ученици. Особено сме среќни што оваа година, дојдоа ученици што имаат исклучително одличен успех. Ќе имаме пет паралелни, имаме вкупно 103 ученика примени во прва година, коиштио започнуваат по новата концепција на гимназиско образование.Учениците во нашата гимназија ќе учат како и претходните години, само во една смена, што се покажа исклучително добро и продуктивно и за учениците и за професорите. Прва и втора година почнуваат по новиот концепт на гимназиско образование, а трета и четврта година по старата реформирана гимназиска концепција, со тоа што учениците ќе имаат можност да избираат предмети коишто се од нивен интерес и коишто ќе им служат понатаму во понатамошното образование“, истакна Ристова

Гимназијата ,,Славчо Стојменски“ со топол прием им посака добредојде на сите гимназијалци, а директорката Ристова им посака среќа и успех на учениците.

,,Инаку направивме еден топол прием на учениците, ги примивме и сега веќе почна наставата. Им посакувам среќа и успех на сите ученици и новодојдени и нашите стари ученици. Се надевам дека ќе биде топло место, за стекнување нови знаења, нови пријателства, нови симпатии“, посака Ристова

Дел од учениците од средното мединцинск училиште ,,Јане Сандански“ чувстваат одлично на самиот почеток. Од првите впечатоци и стравот од непознатото, до желбата еден ден да бидат успешни здравствени работници има цели четири години за стекнување знаења и надоградување. Учениците признаа дека отсекогаш ја сакале медицината, имаат желба да лекуваат и да им помагаат на луѓето.

Средношколците се пред ново поглавје, исполнето со нови предизвици, знаење, учење, дружење и секојдневно растење и надоградување. Учениците беа топло пречекани од нивните нови училишта и професории, кои им посакаа среќна и успешна учебна година.

Eва Тушевска, М-Нет