Со мини детска приредба, песни и насмевки, штипските првачиња денеска беа свечено пречекани во училиштата

Со мини детска приредба, многу насмевки и песна, денеска во Штип свечено беа пречекани новите првачиња. Рака под рака со своите родители, баби и дедовци, тие дојдоа да ја запознаат својата наставничка, новите другарчиња и својата училница. Од утре ги очекуваат првите училишни денови, нови знаења, дружење, игра и многу убави моменти.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, им посака на првачињата безгрижно детство, многу успеси и убави спомени од првите училишни денови. Им порача да веруваат во себе и да вложуваат во своето знаење, бидејќи токму од овие клупи ќе се создава иднината на Штип.

,,Со голема емоција сите ние ќе го паметиме првиот училишен ден на нашите деца. Оваа емоција ќе ја паметиме цел живот. Денес се поставува еден камел во темелот на нашиот град, затоа што овие генерации и секоја нова генерација ја градат иднината на нашиот град. Посакувам во новата учебна година, во новото поглавје на нашите најмили да се отворат нови предизвици, нови можности, со коишто же се стекнат со знаења, вештина, ќе стекнат нови пријателства, ќе стекнат знаења како да споделат, како да бидат најдобри и како да веруваат во себе. Првачиња, ова е вашиот втор дом, а вашите наставници се вашите втори родители. Од срце ви посакувам да верувате во себе, да вложувате во себе, да ја градите вашата иднина, а на градот посакувам од овие клупи да излезат новите доктори, новите економисти, новите инженери, новите луѓе, коишто ќе го градат и развиваат нашиот град Штип. Ви посакувам безгрижно детство, многу петки и по убаво да го паметите овој ден“, истакна Јорданов

За родителите, бабите и дедовците, денешниот ден е посебен и емотивен, нивните најмали го направија првиот чекор кон училиштето. Велат дека најважно им е децата да бидат среќни, да сакаат да учат и да растат со добри и успешни луѓе, а еден ден своето знаење и успех да го вложат токму во својот град.

Директорот на ООУ „Ванчо Прке“, Кокан Радев, им посака на првачињата среќен почеток на нивното училишно патување, исполнето со знаење, дружење и многу насмевки. Им порача да бидат љубопитни, храбри и секогаш насмеани

,,Денес со голема радост ги отвараме вратите на нашите училишта, за една нова генерација ученици. Драги првачиња, од денес започнува едно ново убаво патување, исполнето со знаење, другарство, смеа и многу искуства. Ви посакувам да бидете љубопитни, храбри и насмеани. Училиштето да ви остане место каде што радоста ќе доаѓа секој ден. Нека ви е среќен првиот училишен ден”, рече Радев

Она што понатаму останува, е од утре со првото ѕвонче првачињата и остнаатите ученици ја започнат новата учебна година, која и тие, но и нивните родителтие очекуваат да биде успешна и многу плодна.

Иван Митев, М-Нет